Се додека јавниот и приватниот сектор во светот не ја подобрат соработката, трговците со луѓе ќе победуваат. Да работиме заедно да ги заштитиме жртвите на трговија со луѓе

Од Вилијам Лејси Свинг, генерален директор на ИОМ   Светската работна сила никогаш не била толку мобилна – од градинарот во Калифорнија до банкарот во Сингапур. Без разлика дали станува збор за перачот на садови во Рим или за дизајнерот во Лондон, можеме да препознаеме дека човечката амбиција е во движење, сите – квалификувани или […]

Од Вилијам Лејси Свинг, генерален директор на ИОМ

 

Светската работна сила никогаш не била толку мобилна – од градинарот во Калифорнија до банкарот во Сингапур. Без разлика дали станува збор за перачот на садови во Рим или за дизајнерот во Лондон, можеме да препознаеме дека човечката амбиција е во движење, сите – квалификувани или неквалификувани, со дозвола за работа или без – имаат идентична цел: како да ги искористат своите таленти на пазарите кои ќе ги наградат најдобро.

Патувањата се потикнати од желбата за подобар живот и може да резултираат со огромни колективни придобивки за земјите на потекло и дестинација доколку се одвиваат на безбеден и легален начин.

Но, како што го одбележуваме Светскиот ден против трговијата со луѓе, ние, исто така, се потсетуваме, за жал, дека мигрантите премногу често се изложени на непропорционални ризици на експлоатација и злоупотреба додека бараат подобри можности за вработување далеку од дома.

Секоја година, милиони мигранти се тргувани внатре и преку границите и се наоѓаат себеси заробени во принудна работа. Во некои случаи, мажите и жените се принудени со сила на работа, долготрајно насилство, закани или психолошка манипулација. Тие се често задолжени поради незаконски начини и услови на вработување, додека се соочуваат со огромни притисоци од нивните семејства и заедниците кои што можеби самите се задолжиле, само за да започнат со работа.

Други форми на експлоатација:  се мачат да работат под опасни услови, прифаќаат ниски плати, се соочуваат со прикриени одбитоци и неразумни ограничувања за време на и вон работното време. Овие злоупотреби, исто така, им штетат на мигрантите и ги нарушуваат нивните права.

Овие видови на злоупотреба може да се појават низ индустриските синџири на снабдување и лесно можат да се сокријат помеѓу слоевите на подизведувачи. Како потрошувачи, постојано во потрага по евтини стоки и поевтини услуги, ние сме должни да ги земеме во предвид работниците кои ги изработуваат производите што ги сакаме и услугите кои ни се потребни.

Трговијата со луѓе денес постои во секоја земја и секој економски сектор. Без разлика дали бизнисот е кафе, облека или градежништво, ова е многу јасно: ниедно работно место или заедница не е имуна на трговијата со луѓе.

Тоа е толку продорно што може да се реши само со глобален пристап. Потрошувачите, особено мора да им се придружат на нивните влади, нивната локална деловна заедница и да работат заедно за да бараат исполнување на стандардите за пристојна работа. Сите ние мора да инсистираме синџирите на снабдување да бидат ослободени од трговијата со луѓе и другите форми на експлоатација.

Веќе забележуваме знаци на промени. Се поголем број компании преземаат дејства во нивните снабдувачки синџири; повеќе влади развиваат нови политики и регулаторни механизми за поголема деловна отчетност. Граѓанското општество, исто така игра клучна улога во застапувањето за правата на мигрантите и во обезбедувањето на пристап до услугите за заштита и помош што им се потребни.

Еден познат пример: не толку одамна, од 2015 година светот стана свесен за раширената злоупотреба на работниците во риболовните простори во Југоисточна Азија. Стотици работници работеле во виртуелно ропство. Владите честопати немале средства да ги спроведат нормите за заштита, кои многу работодавци научија да ги игнорираат.

Тоа почнува да се менува. Потрошувачите и големите трговци, свесни за негативното влијание на злоупотребата на синџирите на снабдување, сега бараат поголема транспарентност. И така прават владите, кои носат нови закони кои бараат поголема одговорност од мултинационалните трговци што продаваат морска храна.

Додека овие позитивни трендови се охрабрувачки, потребно е уште многу да се направи. Денес, ќе се фокусирам на еден клучен предизвик, кој го гледам како следен чекор во ангажманот на синџирот на снабдување: мобилизирање на приватниот сектор за да се осигура дека мигрантите кои биле оштетени добиваат соодветна поддршка и правда што ја заслужуваат.

Покрај зајакнувањето на претпазливоста, компаниите можат и мора да ја преземат одговорноста за штетата направена врз нивните работници и да се осигураат дека се преземаат сите можни чекори за да им се помогне на жртвите на трговија со луѓе во нивното закрепнување – тоа можат да го сторат во блиска соработка со владите, граѓанските организации, меѓународните организации и самите жртви. Државите ја носат основната одговорност за справувањето со трговијата со луѓе и заштитата на жртвите на трговија со луѓе. Со воспоставување посилни врски помеѓу приватниот сектор и јавните напори за помош на жртвите на трговија со луѓе, заедно можеме да помогнеме при повторно обновување на уништените животи.

На почетокот на годината ИОМ, Агенцијата за миграција на ОН, започна со низа практични упатства за компаниите за решавање на овој предизвик. Во согласност со Рамката “Заштити, почитувај и помогни” на Обединетите нации, Упатствата за помош на ИОМ ги опишуваат многуте мерки кои претпријатијата можат да ги преземат за да понудат помош на жртвите на експлоатација, во партнерство со локалните државни и недржавни актери.

Овие правци вклучуваат олеснување на пристапот на жртвите до услугите и системите за поддршка, како што се медицинска или психосоцијална грижа; преместување на жртвите во нови работни средини; доброволно враќање во земјите на потекло; поддршка за заздравување, рехабилитација и реинтеграција каде што е можно. Бизнисите исто така треба да се осигураат дека имаат воспоставено начини за прибирање на информации, со што ќе можат постојано да ги подобруваат механизмите за известување, заштитата на свиркачите и спречувањето на понатамошни повреди.

Се повеќе и повеќе компании се здружуваат за да се справат со ризиците со кои се соочуваат во синџирите на снабдување, но помошта за жртвите на трговијата со луѓе останува нова област на работа за приватниот сектор. Затоа мораме да ги удвоиме напорите за да се осигураме дека поддршката за жртвите на трговијата со луѓе станува клучен столб во нашата работа.

Тука може да се пристапи кон Упатствата на ИОМ за помош на жртвите на трговија со луfе во проширените синџири на снабдување со минерални суровини.