На меѓународно ниво повеќето жртви на трговија со луѓе се тргувани преку официјалните гранични премини

Женева – По повод Светскиот ден за борба против трговијата со луѓе (30/07), новите податоци објавени од ИОМ, Агенцијата за миграции на ОН, покажуваат дека во последните десет години речиси 80 проценти од патувањата што ги извршиле жртвите на трговија со луѓе на меѓународно ниво  се преку официјални гранични премини, како што се аеродромите и […]

Женева – По повод Светскиот ден за борба против трговијата со луѓе (30/07), новите податоци објавени од ИОМ, Агенцијата за миграции на ОН, покажуваат дека во последните десет години речиси 80 проценти од патувањата што ги извршиле жртвите на трговија со луѓе на меѓународно ниво  се преку официјални гранични премини, како што се аеродромите и копнените гранични контролни премини.

Трговијата со луѓе често се смета за активност на подземјето, поврзана со нерегуларната миграција, скриена од властите и пошироката јавност. Податоците на ИОМ покажуваат друга слика, укажувајќи на тоа дека најголем дел од трговијата со луѓе всушност се случува преку официјалните гранични премини. Ова ја истакнува суштинската улога која граничните агенции и давателите на услуги на граничните премини можат да ја играат во идентификувањето на потенцијалните жртви и нивното упатување кон соодветна заштита и помош.

Веројатноста жените да бидат тргувани е поголема преку официјалните гранични премини од мажите (84 проценти, наспроти 73 проценти кај мажите). Возрасните исто така имаат поголема веројатност да бидат тргувани преку официјални гранични премини отколку децата (80 проценти, наспроти 56 проценти за деца).

Во две третини од случаите, жртвите се експлоатираат во одреден момент од нивното патување, што значи дека тие најверојатно ќе ги преминат официјалните граници откако веќе доживеале некоја форма на експлоатација, додека една третина сè уште не знаат дека се предмет на трговија со луѓе и може да веруваат дека сеуште ги очекуваат нови можности во странство кои им биле ветени.

Кадија, четиринаесетгодишно девојче, била тргувана преку официјалната граница меѓу Уганда и Кенија во 2015 година. Без нејзино знаење, татко ѝ се согласил да ја омажи во Кенија и ја испратил во Кенија со маж што не го познавал. Кога Кадија и човекот стигнале до границата меѓу Уганда и Кенија, тој го зел нејзиниот пасошот и ѝ рекол дека ќе и помогне. Тој ја сокрил под седиштето на автомобилот се додека не дошле на патот кон главниот град Кенија. Кадија била префрлена на членови на нејзиното семејство кои го посредувале бракот. За среќа, Кадија успеала да се поврзе со нејзината амбасада, која и ја пружила неопходната помош со поддршка на ИОМ.

Некои жртви кои се тргувани преку официјалните гранични премини носат фалсификувани патни исправи (9 проценти од случаите), додека други немаат свои патни исправи (23 проценти од случаите).

Податоците што се презентирани овде се базираат на податоци од жртвите кои беа помогнати од страна на ИОМ во текот на последните десет години, вклучувајќи околу 10.500 патувања од една на друга локација, превземени од речиси 8.000 жртви. Податоците се прикажани на Глобалниот портал на податоци за жртвите на трговија со луѓе (CTDC), кој е прв портал на податоци во светот кој ги вклучува податоците за трговијата со луѓе од повеќе агенции. Отворен во 2017 година, CTDC моментално вклучува евиденција на случаи на повеќе од 80.000 жртви на трговија со луѓе од 171 земја, кои биле експлоатирани во 170 земји.

Конечниот нацрт на Глобалниот договор за миграции за безбедна, уредна и редовна миграција, усвоен од страна на земјите-членки на ОН на 13 јули 2018 година, повикува на целосни владини пристапи за подобрување на соработката во управувањето со границите за соодветна идентификација, навремено и ефикасно упатување, како и помош и соодветна заштита на мигрантите во ранливи ситуации на или близу до меѓународните граници, во согласност со меѓународното право за човекови права. Ја нагласува потребата за подобрување на мерките за проверка и индивидуалните проценки на границите и местата на прво пристигнување, со примена на стандардизирани оперативни процедури развиени во координација со локалните власти, националните институции за човекови права, меѓународните организации и граѓанското општество.

Новите податоци на ИОМ ја нагласуваат оваа потреба и покажуваат дека националните влади треба да развијат и да работат со цврсти процедури за управување со границите кои се чувствителни на ранливостите и потребите за заштита на мигрантите, заедно со добро воспоставените системи за да се осигура дека мигрантите кои страдале од насилство, експлоатација и злоупотреба се идентификувани и упатени на релевантни даватели на услуги навремено.

Главните актери, вклучувајќи ги и официјалните претставници за гранично управување со воздушните, поморските и копнените гранични премини, можат да играат важна улога во олеснувањето на навремената идентификација на жртвите и потенцијалните жртви на трговија со луѓе, како и на трговците со луѓе. Постои потреба да се продолжи со развојот на капацитетите на овие актери за идентификување и упатување на жртвите на трговијата со луѓе во раната фаза по пристигнувањето, и да се зајакнат механизмите за соработка на граничните премини, така што жртвите кои се идентификувани по пристигнувањето можат да бидат упатени до давателите на услуги за нивната заштита и помош.

Исто така, важно е да се продолжи со спроведување обука и подигање на свеста на давателите на услуги на граничните премини во земјите на потекло и крајна дестинација, како што се персоналот на аеродромите, персоналот на авиокомпаниите, железничкиот персонал, како и да се развијат процедури за комуникација и известување до локалните власти. Подобрувањето на технологијата на граничните премини, исто така, може да придонесе за подобрување на собирањето на податоци, анализата на ризик и подобрата идентификација во реално време.

Програмите на ИОМ претставуваат значаен извор на примарни податоци за трговијата со луѓе. Организацијата ја одржува најголемата база на податоци за жртвите на трговија со луѓе во светот, која содржи евиденција на случаи за повеќе од 50.000 жртви на трговија со луѓе на кои им помогнала. Податоците за случаите на жртвите се користат за развој на соодветни политики и програми, вклучително и за проценка на преваленцата и за мерење на влијанието на интервенциите против трговијата со луѓе.

Редовното унапредување на политиките и интервенциите врз основа на нови докази е клучно за подобрувањето на иницијативите за борба против трговијата со луѓе на граничните премини. Новите информации ја истакнуваат важноста на зголемувањето на оперативните податоци од активностите поврзани со пружањето на  директна помош на жртвите со цел развој на соодветни политики и програми за борба против трговијата со луѓе кои ќе бидат базирани на докази.

Повеќе информации за иницијативите на ИОМ за борба против трговијата со луѓе може да се најдат тука.