МЕЃУНАРОДЕН ДЕН НА МИГРАНТИТЕ 2018

Од Антонио Виторино, Генерален Директор на Меѓународната Организација за Миграции (ИОМ)   Миграцијата е многу значајно прашање на оваа ера. Миграција со достоинство (#WithDignity) е темата на Меѓународниот ден на мигрантите 2018 година, кој го одбележуваме денес (18 декември). Достоинството е во суштината на нашата мисија. Третманот на сите мигранти со достоинство е основното барање […]

Од Антонио Виторино, Генерален Директор на Меѓународната Организација за Миграции (ИОМ)

 

Миграцијата е многу значајно прашање на оваа ера. Миграција со достоинство (#WithDignity) е темата на Меѓународниот ден на мигрантите 2018 година, кој го одбележуваме денес (18 декември).

Достоинството е во суштината на нашата мисија. Третманот на сите мигранти со достоинство е основното барање со кое се соочуваме, пред да се обидеме да сториме било што друго во областа на миграциите – вознемирувачко прашање што доаѓа во вознемирувачко време за светската заедница – бидејќи нашата иднина зависи од тоа. Исто така и нашата сегашност.

Јас сум новодојден во Меѓународната организација за миграции, неодамна избран да ја предводам една од најстарите и најефективни организации на меѓународната заедница. Сепак, миграцијата е стара колку и човештвото. Што значи дека ИОМ, со своите 67 години, е релативно новодојденец во оваа област.

Во денешно време човештвото е во постојано движење; стотици милиони од нас, во поширока смисла, се мигранти. Останува многу да се направи, но и да се научи. Но, достоинството доаѓа прво. Пред се, достоинството да се има избор.

Миграцијата е сила за достоинство, бидејќи им овозможува на луѓето да изберат да се спасат, да се заштитат, да се едуцираат или да се ослободат себеси. Тоа им овозможува на милиони да изберат учество наместо изолација, дејствување наместо безработица, надеж наместо страв и просперитет наместо сиромаштија.

Ние мораме да ги удостоиме тие избори со почит. Ги почитуваме така што ги третираме оние што прават вакви избори со достоинство.

Ние, исто така, имаме избор. Да одговориме на надежите на мигрантите со нашето прифаќање; да одговориме на нивните амбиции со можности. Да го пречекаме нивното доаѓање како добредојдено, наместо да го одбиеме.

Ние, исто така, мора да ги почитуваме и да ги слушаме оние кои се исплашени од промените кои миграцијата ги носи во нивните животи. Без разлика дали нивните стравови се оправдани или не, тие се автентични и заслужуваат, исто така, третман со достоинство.

Ако не им дадеме на сите граѓани сигурност дека и нивните избори се почитуваат, ризикуваме да загубиме вистинска можност за напредок. Миграцијата ги отсликува изборите што ги правиме заедно – или со тоа што ќе реагираме на доаѓањето на нашите соседи (или потенцијални нови соседи) со чувство на заедница, или не.

Усвојувањето во текот на овој месец (10 декември) во Маракеш на Глобалниот договор за безбедна, уредна и регуларна миграција (ГДМ) со огромно мнозинство од земјите-членки на ОН, нé носи еден чекор напред кон достоинството за сите и кон балансиран пристап, како и кон широка соработка во областа на миграцијата.

ГДМ наметнува рамнотежа меѓу суверенитетот на нациите и безбедноста и достоинството што ние го бараме за секој поединец.

Денеска кога го прославуваме Меѓународниот ден на мигрантите, ќе направиме добро ако се потсетиме на горенаведената рамнотежа,  и на тоа дека двете страни не се натпреваруваат едни со други. Тие се надополнуваат.

Договорот нагласува дека сите држави треба добро да управуваат со миграцијата и дека ниту една држава не може самостојно да го постигне тоа. Соработката на сите нивоа е од фундаментално значење во областа на миграцијата.

Генералното собрание на Обединетите нации го прогласи 18 декември како Меѓународен ден на мигрантите во 2000 година. Истата година, во својот годишен Извештај за миграцијата во светот, ИОМ изјави дека “повеќе од 150 милиони меѓународни мигранти го прославија крајот на милениумот надвор од своите земји на раѓање”.

Осумнаесет години подоцна, трендот на мажи, жени и деца кои се селат продолжи да расте. Во овие осумнаесет години видовме дека бројот на меѓународните мигранти се зголеми на околу 258 милиони луѓе. Уште 40 милиони луѓе се во моментов внатрешно раселени заради конфликти, и секоја година милиони други (18,8 милиони во 2017 година) се присилени да ги напуштат домовите заради климатски катастрофи и природни ризици.

Самиот чин на миграција ги изложува многу луѓе на голема опасност.

Податоците на ИОМ покажуваат дека близу 3.400 мигранти и бегалци веќе ги загубиле животите ширум светот во 2018 година. Повеќето загинале при обид да стигнат до Европа по морски пат. Многу од останатите починале обидувајќи се да преминат пустини или низ густи шуми, барајќи безбедност далеку од официјалните гранични премини. Овие бројки, кои се собирани секојдневно од вработените на ИОМ, се засрамувачки.

ИОМ потврдува дека миграцијата е движечка сила за напредок и развој, не само за мигрантите, туку и за транзитните земји и, особено за земјите-дестинации.

Го обновуваме нашиот повик за спасување на животи преку овозможување на миграција која е безбедна, уредна и достоинствена за сите.