Агенцијата за миграции на ОН креираше дигиталната платформа за вклучување на членови на дијаспората во развојните процеси на државите

Женева – ИОМ, Агенцијата за миграција на ОН, вчера официјално ја презентираше својата платформа iDiaspora (08/10), за време на настан кој беше дел од Меѓународниот дијалог за миграции кој е во тек во Женева. iDiaspora е глобален центар за вклучување и размена на знаења за транснационалните заедници и оние кои сакаат да се вклучат со […]

Женева – ИОМ, Агенцијата за миграција на ОН, вчера официјално ја презентираше својата платформа iDiaspora (08/10), за време на настан кој беше дел од Меѓународниот дијалог за миграции кој е во тек во Женева. iDiaspora е глобален центар за вклучување и размена на знаења за транснационалните заедници и оние кои сакаат да се вклучат со нив. За да се одрази глобалната природа и разновидноста на оваа иницијатива, презентации на платформата се планираат и во Каиро, Лондон и Вашингтон.

ИОМ препознава дека постојат зголемен број на докази кои се однесуваат на важната улога што членовите на дијаспората и транснационалните заедници ја играат кон постигнување на целите за одржлив развој во земјите на потекло и дестинација. Придонесите на дијаспората се разликуваат по видот и опсегот, и се движат од вештини, знаење и инвестиции во трансфер на know-how, претприемништво и трговија. Исто така, заедниците на дијаспората стануваат се посвесни за нивната улога, како што е потврдено со многубројните организации, здруженија и конфедерации на дијаспората на локално, национално и меѓународно ниво. Со креирањето на платформата, организацијата се надева дека ќе обезбеди простор за сите поединци на дијаспората, нивните организации и партнери за да комуницираат и да разменуваат идеи додека работат на нивните заеднички развојни цели.

Корисниците можат да се регистрираат на страницата – idiaspora.org – користејќи Facebook, Google+ или LinkedIn, или да ги креираат нивните профили со внесување на нивното име, локација, област на стручност, интерес и фотографија. Тие помагаат во обликувањето на платформата и во користењето на нејзините предности со тоа што ќе се ПОВРЗАТ, НАУЧАТ и ДОПРИНЕСАТ: со наоѓање на истомисленици од нивната заедница или од други заедници со кои ќе соработуваат, користејќи и/или придонесувајќи за растечкиот извор  на ресурси, идентификување на конкретни можности за користење на нивните вештини и ресурси и активно учество во развојот на нивните заедници во земјата на престој и на земјите од кои потекнуваат.

Во јули 2017 година, концептот на платформата беше креиран за време на консултациите на Глобалниот договор за безбедна, уредна и редовна миграција (ГДМ) во Њујорк. Повратните информации од овие сесии покажаа значителен интерес за платформата помеѓу широк спектар на здруженија на дијаспората и поединци вклучени во поддржувањето на економскиот развој во нивните земји на потекло и залагајќи се за подобри миграциски политики во рамките на ГДМ. Потоа, ИОМ спроведе серија консултации со засегнатите страни од здруженијата на дијаспората и меѓународните заедници во САД и Велика Британија за да помогне при обликувањето на платформата за да одговори на потребите на актерите кои работат на ова поле.

Настанот на кој беше презентирана платформата (наречен Досегнување до дијаспората преку технологија) беше модериран од заменик-директорот на ИОМ, Лаура Томпсон. Ел Хабиб Надир, од Министерство задолжено за Мароканците што живеат во странство и миграциски работи и претседавач со Глобалниот форум за миграција и развој (ГФМД); Колман Лидон, потпретседател за стратешки партнерства во Everwise и член на Советодавниот одбор на iDiaspora; Хани Тајли, менаџер за корпоративни комуникации на Меѓународната фудбалската федерација (ФИФА); и Гибрил Фал, визитинг- професор на Лондонската економска школа и специјален советник на Платформата за развој на дијаспората од Африка и Европа беа дел од панелот и говореа за време на сесијата.

„Раната развојна фаза на платформата iDiaspora служи како одличен пример за соработка во повеќе дисциплини, ефикасно искористување на експертизата на тимот на ИОМ, како и на лидерите во глобалните академски и бизнис заедници“, рече Колман Лидон. „Со оглед на сеприсутноста на современи софтверски платформи, способни да вклучуваат голем број луѓе, возбудливата иницијатива iDiaspora може да им биде од голема корист на членовите на дијаспората на нов и наменски начин“.

Значајната улога на дијаспорите во развојот и потребата да им се обезбедат услови и алатки е потврдена со целта бр.19 од Глобалниот договор за безбедна, уредна и редовна миграција (ГДМ), каде што владите се обврзуваат „да ги поттикнат мигрантите и дијаспорите да ги катализираат нивните развојни придонеси  и да ги искористат придобивките од миграцијата како извор на одржлив развој“.

iDiaspora ќе продолжи да расте и да одговара на потребите и приоритетите на својата онлајн заедница на корисници. Како динамичен и онлајн простор кој се развива, платформата нуди анкета за собирање повратни информации кои програмерите и тимот на iDiaspora можат да ги користат за да ја подобрат платформата постепено. Покрај тоа, Советодавен одбор составен од признати лидери и професионалци на дијаспората со различно искуство во академскиот и приватниот и јавниот сектор беше поставен да советува за концептуалните, оперативните и содржинските области на платформата и обезбедување одржливост на иницијативата.

„Несомнено е дека дијаспората е од клучно значење за трансформациското патување на нивната земја на потекло. Без разлика дали тоа е преку дознаките од странство или преку репатријација, дијаспората е одлучувачки фактор во квантните подобрувања во животот на граѓаните“, рече Ерик Гуихард, основач на Movement Capital (порано Homestrings) и уште еден член од одборот на iDiaspora.

„Дијаспорите се инхерентно ефикасни во намалувањето на сиромаштијата на микро ниво“, додаде Гибрил Фал. „Суштински и значителен институционален ангажман и партнерства овозможуваат можност за проширување, репликација и подобро влијание врз развојот на макро ниво“.

ИОМ ја презема координативната улога на iDiaspora за понатамошен развој и операционализација, со оглед на нејзиното лидерство во областа на ангажманот на дијаспората од Министерската конференција во 2013 година, како и континуиран ангажман во развојот на капацитетите и партнерството за миграција и развој. Во последните пет години, ИОМ има глобално поддржано повеќе од 150 мапирања и анкети на дијаспората. Само во 2017 година, повеќе од 70 канцеларии на ИОМ имаат дадено поддршка на владите за тоа како ефикасно да се оспособат, зајакнат и поврзат со нивната дијаспора. Организацијата ќе бара нови партнерства со организациите на дијаспората, владите и приватниот сектор за да се обезбеди влијание и одржливост на платформата. iDiaspora се развива без институционално брендирање, за да се обезбеди еднаков третман меѓу засегнатите страни кои тесно соработуваат со заедниците на дијаспората.

Меѓународниот дијалог за миграции (МДМ) е водечки форум на ИОМ за дијалог за политика за миграции. Основан во 2001 година и вкоренет во Уставот и Стратегијата на ИОМ, МДМ е отворен за членките на ИОМ и земјите набљудувачи, како и меѓународните и невладините организации, мигрантите и партнерите од медиумите, академијата или приватниот сектор. МДМ обезбедува простор за анализа на сегашните и новите проблеми во управувањето со миграцијата и за размена на искуства, пристапи за политики и ефективни практики.

Секоја година МДМ е воден за клучна тема која е избрана од членството на ИОМ преку процес на неформални консултации.